Владата и Министерството за образование и наука прават огромни напори преку образовниот процес учениците од различните етнички заедници да научат повеќе едни за други и да најдат елементи за меѓусебно препознавање и зближување. Има методи, форми и активности тоа да се одвива и надвор од наставните активности. 

Ова го порача заменик министерот за образование и наука Сафет Незири во изјава на паузата на втората меѓународна конференција за интегрирано образование „Интегрирано образование – тренд, тенденција и потреба“  што денеска и утре се одржува  во Скопје.

– Преку проекти како денешниов се обидуваме да ги зближиме нашите млади од основното и средното образование за да се запознаат едни со други, да ги препознаат нивните квалитети, вредности и карактеристики и да не се чувствуваат туѓи едни спрема други. Оваа конференција придонесува за задобивање со информации и искуства од држави во кои живеат повеќе етнички заедници кои во минатото имале слични проблеми како нашите. Нивните искуства ги прикажуваат, а ние можеме да ги прилагодиме според нашите услови, рече Незири.

Тој посочи дека во Македонија во соработка со невладините организации веќе се обучени над 90 професори за да се имплементираат елементите од интегрираното образование кои се позитивни и прифатливи за нашите услови и да се надминат стереотипите и негативната енергија меѓу младите.

– Мислам дека треба многу повеќе да се работи во таа насока, рече Незири.

На конференцијата, организирана од Нансен дијалог центарот (НДЦ) како дел од програмата за основно и напредно ниво на обука за интегрирано образование, учествуваат меѓународни експерти од Норвешка, Северна Ирска, Турција, Босна и Херцеговина и Хрватска, како и наставници и професори од основни и средни училишта во Македонија кои се дел од двегодишната обука за интегрирано образование.

Целта на конференцијата е да се зајакнат компетенциите на наставниот кадар во интегрираното образование преку користење долгогодишни странски искуства и знаења, а на учесниците ќе им се доделат сертификати за завршено напредното ниво на обука при Тренинг центарот на НДЦ Скопје.

Стајнер Брин, високиот советник во НДЦ во Лилехамер, Норвешка рече дека во последниве дваесет години во Македонија е многу направено во правец на интегрираното образование.

– Норвешка и Македонија се соочуваат со исти проблеми. Во едно интегрирано меѓуетнички општество не постои доминација на една етничка група над друга и сите луѓе се еднакви. Ако верувате во општество во кое сите имаат исти можности мора на некој начин да воведете интегрирано образование во спротивно нема да финкционира, рече Брин.

Тој посочи дека живееме во општество во кое Французите имаат предност во Франција, Норвежаните во Норвешка и Македонците во Македонија, но тоа е погрешно, бидејќи треба на сите граѓани да им се дадат исти можности.

– Не може да кажеме дека ние во Норвешка се справуваме со овој проблем подобро од Македонија. Ние само велиме дека улогата на наставниците мора да се подобри и унапреди не само во Македонија, туку во цела Европа, рече Брин.

Ивршниот директор на Нансен дијалог Скопје, Сашо Стојкоски посочи дека во Македонија постојат поделени училишта и затоа, како што рече, преку активности како денешната треба да се обидеме да ја  намалиме празнината која постои помеѓу паралелните училишта поделени на етничка основа.

– Сакаме  на учениците во мултиетничките училишта да им дадеме прилика да комуницираат и соработуваат.  Моделот што ние го промовираме нуди таква можност. Со него се апсловира јазичната бариера и се нуди можност преку пособен пристап учениците да комуницираат едни со други, рече Стојкоски.

Тој нагласи дека главна причина за појавувањето на стереотипите и предрасудите во Македонија е токму немањето можност за комуникација и наоѓање на заедничко јазично решение како децата да комуницираат.

– Демократско право е учениците да учат на свој мајчин јазик од прво одделение до факултет, но тоа од друга страна е проблем. Училиштата не нудат можност како да комуницираат и да се дружат децата од различни етнички средини. Може да се заклучи дека основна причина и за меѓуетничките инциденти помеѓу учениците е етничката нетрпеливост и тоа е јасен индикатор дека мора повеќе да се работи на интеграцијата меѓу училиштата, прецизира Стојкоски.

http://www.sitel.com.mk/mk/konferencija-za-integrirano-obrazovanie