Нансен Дијалог Центар Скопје (Македонија) е локална невладина и непрофитна организација, основана во 2000 година и поддржана од страна на Нансен Академијата од Лилехамер, Норвешка. НДЦ Скопје е дел од Нансен Дијалог мрежата, која се состои од Нансен Дијалог Центри на Западен Балкан и Нансен Академијата во Норвешка. Нансен Дијалог мрежата е членка на Европската Канцеларија за врски за градење на мирот.

Визијата на организацијата е демократско општество, во кое дијалогот е секојдневна алатка за разрешување на конфликти помеѓу поединци, групи или заедници. Општество, во кое мирот, мултиетничката кохезија, интеграцијата, рамноправноста и толеранцијата претставуваат централни вредности.

Мисијата на НДЦ е активно и ефективно поддржување на меѓукултурните и меѓуетничките дијалог процеси на локално, национално и регионално ниво, со цел да се придонесе кон спречувањето на конфликтите, помирувањето и градењето на мирот преку различни програмски активности, особено во сферата на образованието.

Главен донатор на НДЦ Скопје е Министерството за надворешни работи на Кралството Норвешка.
Кликнете тука за да ја посетите интернет страната на министерството.

Историјат

По основањето на Нансен Дијалог Центар Скопје во 2000 година, фокусот на организацијата беше главно насочен кон студенти, млади политичари, претставници на невладини организации и ученици од основните училишта од Македонија. Целта на активностите беше да се запознаат учесниците со вештините за ненасилна комуникација, водење на дијалог, анализа на конфликтите и да можат да направат разлика помеѓу дијалог и дебата.

Во 2001 година, активностите беа проширени и на регионално ниво, преку организирање на неколку семинари и форуми со млади лидери и политичари од Србија, Косово, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Хрватска. Со програмските активности на НДЦ Скопје беа опфатени и дел од новинарите од Македонија. По завршувањето на конфликтот во Македонија и потпишувањето на Рамковниот мировен договор во август, 2001 година, НДЦ Скопје ги насочи своите активности кон промовирање на Рамковниот мировен договор и продолжи да работи со млади, кои живеат во местата кои беа најзафатени со конфликтот. Во соработка со ОБСЕ, беа организирани неколку дијалог сесии со младинци од Тетово. Исто така, беа интезивирани трибините со младите политичари, како на локално така и на регионално ниво.

Во 2003 и 2004 година, фокусот на програмските активности беше ставен на зајакнување на капацитетите на политичките партии т.е. на младинските организации на политичките партии. Беа формирани четири “Школи за млади политичари“, на кои учествуваа 85 млади политичари. Секоја школа траеше по 25 дена. Предавачи на школите беа универзитетски професори од Македонија и странство, како и дел од лидерите на политичките партии во Македонија.

Во 2005 година, по донесувањето на Законот за територијална поделба на локалните самоуправи, НДЦ Скопје започна да ја спроведува програмата “Дијалог и помирување“ во општина Јегуновце, која се наоѓа во северозападниот дел на Македонија. НДЦ Скопје ја одбра оваа општина, бидејќи беше најпогодена од вооружениот конфликт во 2001 година. Како директна последица на конфликтот, во 2002 година се случи поделба на основните училишта во оваа општина на етничка база. Преку дијалог семинари и обуки за комуникација, соработка, толеранција, тимска работа и мирно разрешување на конфликти, беа создадени услови за отворање на шест кабинети, во кои учениците во мешан етнички состав посетуваа двојазични курсеви по информатика, англиски, македонски и албански јазик. Секоја година, курсевите беа посетувани од приближно 200 ученици. Програмата беше спроведувана во текот на 2008 година, кога се создадоа услови за отворање на првото Интегрирано основно училиште “Фридтјоф Нансен” во с. Прељубиште, општина Јегуновце.

Во 2010 година, официјално беше отворено првото Интегрирано средно училиште “Моша Пијаде” во с. Прељубиште. Врз база на претходниот успех, проектот се прошири во неколку мултиетнички општини во Македонија и од тогаш е прифатен како еден од најдобрите примери за интегрирано образование во земјата.